Top Sport

Робен: Криза во Баерн? Нема шанси

Арјен Робен ги отфрла тврдењата дека кај германските шампиони Баерн Минхен има „мини-криза“ откако тие не успеаја да победат во последните два меча од Бундеслигата пред дуелот од Лигата на шампионите против Ајакс во вторник.

Баерн прво одиграа 1:1 дома со баварските ривали Аугзбург, по што загубија 3:0 од Херта Берлин во текот на викендот откако ја стартуваа сезоната со четири лигашки победи. Робен вели дека победа над Ајакс ќе ги постави работите на вистинско место.

„Аугзбург и Херта немаа многу шанси, но беа ефикасни. Ние имавме многу шанси, но не ги искористивме, и фудбалот е таков понекогаш. Воопшто не сме загрижени, ниту под стрес. Ќе почнеме да победуваме и повторно ќе биде добро“, вели Робен.

34-годишниот ветеран вели дека е пресреќен што може да игра против своите сонародници. Ајакс во првиот меч со 3:0 ја победи АЕК Атина, додека Баерн победи со 2:0 против Бенфика.

„Одлично е што има два холандски тимови во Лигата на шампионите по подолга пауза. Ајакс имаа добар старт и имаат талентиран тим за следната рунда. Повторно имаат многу таленти. Во моите натпревари во Лигата на шампионите само еднаш или двапати играв против холандски тим, но целта ќе биде да се победи и да се врати големиот трофеј во Минхен“, додава Робен.

Фото: ЕПА

Scroll to Top