Маркос Рохо вели дека менаџерот на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо му порачал нему и на Златан Ибрахимовиќ да го намалат интензитетот на тренинзи за да не ги обноват повредите.
Рохо и Ибрахимовиќ се вратија во составот на „ѓаволите“ против Њукасл пред две недели, откако двајцата имаа исти повреди на коленото на ист меч – дуелот против Андерлехт во Лигата на Европа во април. Мурињо, јасно, не сака да се повтори повредата.
„Мурињо е секогаш среќен, близок до играчите и навистина ми помогна многу. Секогаш ни вели да мируваме на тренизни, бидејќи јас и Ибра се убиваме со удари по нозете“, вели 27-годишниот Рохо во интервју за аргентинскиот весник „Кларин“.
Рохо има само пофалби за Ибрахимовиќ.
„Тој е неверојатен лик, но тие кои не го познаваат сметаат дека е арогантен. Вистинска ѕверка која оди напред и сака да освои сè. Го прашав дали сака да оди на СП со Шведска откако ја елиминираа Италија, но тој вели не. Мислам дека не смее да го пропушти тоа“, вели Рохо.