Поранешниот дефанзивец на Манчестер јунајтед, Аргентинецот Маркос Рохо тврди дека Оле Гунар Солскјер играл со Хери Мегваер како стартер само поради тоа што клубот плати 80 милиони фунти за него. Мегваер стана најскап дефанзивец на светот по трансферот од Лестер, а иако подоцна стана капитен, сега не е редовен стартер под Ери Тен Хаг.
„Во 2019 година играв навистина добро, игравме во Лига Европа. Бев лут на тренерот, Мегваер тогаш играше, фала Богу, сега го сменија со Лича (Лисандро) Мартинез. Еден ден отидов кај него да му кажам да ме постави во стартниот тим бидејќи не беше во ред. Ми кажа дека платиле толку многу за него и дека мора да игра. Јас му велев: ‘Овој човек прави грешки секоја недела’“, вели Рохо.
Рохо имаше само девет настапи во сезоната 2019/20, пред да биде пратен на позајмица во Естудијантес. Тој имаше вкупно 122 настапи за „ѓаволите“, пред да направи постојан трансфер во Бока јуниорс во февруари 2021.