Top Sport

Рој Кин: Не би ги гледал Ливерпул ниту да играат во мојот двор

Поранешниот капитен на Манчестер јунајтед имаше што да каже на гостувањето на ИТВ телевизијата за време на натпреварите од Лигата на шампионите – остро критикувајќи го стилот на игра на Ливерпул и порачувајќи му на менаџерот на Јунајтед, Жозе Мурињо да „замолчи“ и да си ја врши работата.

Ливерпул стигна до втора победа едноподруго, овојпат над Марибор со 3:0 во Лигата на шампионите, откако во текот на викендот го совладаа Хадерсфилд со ист резултат. Кин вели дека и покрај ова, Ливерпул нема да освои ништо оваа сезона.

„Тешко е да ги процениш Ливерпул во моментов. Тешко е да се возбудиш од нивната игра. Според мене, тие немаат правец и не одат никаде. Да, тие се фин и уреден тим, но дефанзивно се ужасни. Кога ќе дојде крајот на сезоната и ќе се делат трофеите, Ливерпул ќе ги нема ни блиску до нив. Дури и да играа во мојот двор, не би ги гледал“, вели Кин.

Кин, кој сега е помошник селектор на Република Ирска, исто така смета дека Жозе Мурињо троши премногу енергија и време на своите критичари и мора да престане со тоа и да се фокусира на својата работа, а тоа е подобрувањето на тимот.

Ова доаѓа откако Мурињо влезе во конфликт со дел од навивачите на „Олд Трафорд“ откако по победата над Тотенхем им порача да замолчат и да не го критикуваат Ромелу Лукаку. Навивачите исто така со свирежи ја пречекаа одлуката Маркус Рашфорд да биде заменет со Антони Марсијал за последните 20 минути од натпреварот, но Французинот потоа врати со постигнување на победничкиот гол.

„Едно нешто ми пречи кај Мурињо, тоа што премногу лесно му пречат таканаречените критичари. Тој најверојатно зема 8-9 милиони фунти годишно. Фокусирај се на твојата работа. Крени се над критиките. Треба да бидеш подобар од тоа. Но, очигледно, тој лесно се вознемирува. Нека замолчи и нека работи, бидејќи добро е платен за тоа“, вели Кин.

Scroll to Top