Легендата на Манчестер јунајтед, Рој Кин застана во одбрана на плејмејкерот на Арсенал, Месут Озил и на другите фудбалери кои одбиваат да прифатат кратење на нивните плати во богатите премиерлигашки клубови.
Озил беше прозиван во англиските медиуми откако неговите соиграчи од Арсенал се согласија за откажување од 12.5 отсто од нивните плати, а реагираше и неговиот агент, Еркут Согут, кој инсистираше дека е потребна транспарентност од клубовите пред фудбалерите да се согласат на такви мерки.
Кин се согласува дека богатите сопственици на дел од најголемите клубови во Премиер лигата не треба да бараат од своите фудбалери да добиваат помали плати.
„Не сум сигурен како јас би се однесувал во оваа ситуација, но имам големи симпатии кон фудбалерите кои добиваат големи критики. Зборувам за фудбалерите во навистина големи клубови, со богати сопственици кои се притиснати да прифатат намалување на платата. Јас не би го направил тоа. Не е ничија работа да се грижи што правите со сопствената плата. Ако сакате да бидета дарежливи, тогаш океј, но не треба некој произволно да ти ја намалува платата за 10 или 15 отсто. Изненаден сум и од фановите кои ги критикуваат фудбалерите. Секако, зборувам за големите клубови, не за тие од пониските лиги кои се жртвуваат за своите клубови. Големите клубови во Англија нема да пропаднат“, вели Кин.