Рома демантираат дека имаат интерес за трансфер на „отпадникот“ од Манчестер јунајтед, Мејсон Гринвуд по шпекулациите дека Жозе Мурињо дал зелено светло за ваков трансфер.
Гринвуд ќе замине од „Олд Трафорд“ откако клубот во понеделникот објави дека се согласиле да се разделат по шестмесечната истрага за однесувањето на фудбалерот кој беше обвинет за силување во јануари 2022, пред овие обвиненија да бидат отфрлени во февруари 2023.
Според весникот „Ил темпо“, Рома не е заинтересирана за 21-годишниот напаѓач, а самиот Жозе Мурињо сака да се дистанцира од Англичанецот поради обвиненијата. „Волчицата“ има потреба за напаѓач по сериозната повреда на коленото на Теми Абрахам од минатата сезона – тој се очекува да биде во аут до крајот на годината.
Гринвуд може да добие шанса во Саудиска Арабија, во клубот каде што тренер е Стивен Џерард, Ал-Етифак, а и неколку турски клубови, вклучувајќи го и Галатасарај исто така се заинтересирани за напаѓачот.