Легендата на бразилскиот фудбал, Роналдо на шега вели дека го купил Реал Валјадолид бидејќи едноставно „немал доволно пари“ за да го купи Интер.
Роналдо минатата година стана сопственик на шпанскиот прволигаш, и во интервју за италијанската „Скај спортс“ зборуваше за својата нова работа, но и за состојбата во неговиот поранешен клуб, Интер.
„Работиш многу и заработуваш сѐ помалку. Но, зафатен сум и среќен пред новиот предизвик. Никогаш не помислив на Интер, иако клубот ми е во срцето и никогаш нема да отфрлам ништо, но немам доволно пари да го купам. Затоа ќе продолжам со Валјадолид“, вели Роналдо.
Тој исто така зборуваше за состојбата во италијанскиот фудбал, каде што речиси цела деценија доминира Јувентус.
„Интер растат, иако е јасно дека Јувентус се посилни од сите. Наполи вршат добра работа, но Јуве се предалеку. Среќен сум за Интер иако бев разочаран од испаѓањето од Лигата на шампионите. Тренерот Лучано Спалети врши добра работа, но во Интер мораш да победуваш. Се гледа прогресот и имаме големи надежи за иднината. Мауро Икарди? Тој е симбол за Интер, многу важен играч и се надевам дека нема да замине“, вели Роналдо.