Откако ја прифати наградата за најдобар фудбалер на светот од страна на кинескиот весник „Донгкиуди“, ѕвездата на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо даде детално интервју во кое јасно посочи дека во моментов својата иднина ја гледа во тимот на Реал Мадрид.
Шпекулациите велеа дека Манчестер јунајтед се заинтересирани да го вратат својот поранешен играч, меѓутоа ова јавно го демантираше тренерот на англискиот великан, Жозе Мурињо, а неодамна блискиот пријател на Роналдо посочи дека тој сака да ја заврши кариерата во матичниот клуб Спортинг Лисабон.
„Секако, саскам да останам во Реал. Живеам во Мадрид од 2009 година и го сакам времето и луѓето тука. Блиску сме до Португалија и можам да стигнам со автомобил таму. Шпанија е прекрасна земја која ја сакам исто толку колку што го сакам клубов“, изјави Роналдо.
Иако тоа не е невозможно, Роналдо признава дека ќе биде многу тешко да се „фати“ Барселона во Ла лига оваа сезона.
„Реал никогаш не се откажува, но ќе биде многу, многу тешко. Разочарани сме од ситуацијата во која сме, но уште е рано. Можеби ако ја освоиме Лигата на шампионите на крајот на сезоната сите ќе велат ова е неверојатна сезона, но останува да се види“, додава Роналдо.
Португалија не се смета за фаворит на Светското првенство во Русија следната година, но тоа не го спречува Роналдо да се надева.
„Велев дека мојот сон е да освојам титули со Португалија и во 2016 година стигнавме до европската титула иако никој не веруваше во нас. Секако, сакам да победам и во Русија, иако не сме фаворити. Планот е да се пензионирам на 41 година, но тоа ќе биде тешко да се оствари, и затоа го живеам моментов“, заврши Роналдо.