Top Sport

Роналдо-Меси 1:0, барем засега…

Вечната дилема околу тоа кој е најдобриот фудбалер на денешницата секогаш се сведува на две имиња – Кристијано Роналдо и Лионел Меси. По првите мечеви на Мундијалот, предноста дефинитивно е на страната на Португалецот.

Роналдо во петокот навечер постигна хет-трик и на „раце“ ја однесе Португалија до возбудливото 3:3 реми со фаворизираните Шпанци, додека денеска попладне Меси се изнашутира, утна пенал и остана исфрустриран при 1:1 ремито на Аргентина против цврстите дефанзивни Исланѓани.

Навивачите на Роналдо (и секако Реал Мадрид) не го штедеа Меси по разочарувачкото реми против Исланд, посочувајќи дека токму фановите на Меси честопати го нарекуваат Роналдо – „Пеналдо“ поради головите од пенал, а нивниот миленик не може да го направи тоа ниту од белата точка против 34-годишниот голман на Исланд, кој по професија е филмски режисер.

Уште малку „зачин“ на целата ситуација беше гестикулацијата на Роналдо по постигнатиот трет гол против Шпанија, по кој тој чудно си ја погали брадата. Иако многумина сметаа дека тоа е порака до шпанскиот голман, Давид де Хеа (кој има брада), дел од навивачите сметаат дека тоа е директен „удар“ до Меси, кој неодамна имаше фото-сесија со коза, поради англиската кратенка GOAT (Greatest of All Time).

Првата рунда е кај Роналдо, ќе видиме што ќе донесе втората.

Scroll to Top