Товарот кој го чувствува Нејмар по очекувањата на бразилската јавност од нивната најголема фудбалска ѕвезда на Мундијалот во Русија беше видлив во неговите солзи на теренот при 2:0 победата над Костарика.
Притисокот за 26-годишниот најскап фудбалер на планетата е огромен, и како помош тој добива совети од славниот Роналдо Назарио. Роналдо најдобро знае како е да си во позицијата во Нејмар по сличните искуства во 1998 и 2002 година – прво катастрофалниот пораз од Франција во финалето во 1998 и потоа трофејот од Јужна Кореја и Јапонија.
Двајцата се добри пријатели веќе неколку години и Роналдо редовно зборува со Нејмар пред секој меч, открива шпанската „Марка“, објаснувајќи дека Роналдо постојано е во кампот на бразилската репрезентација, а во исто време поминува и приватно време со Нејмар додека работи како соработник на бразилскиот весник „О Глобо“.
Покрај Роналдо, Нејмар може да смета и на поддршката од неговиот татко Нејмар Сениор, кој дури има и акредитација на бразилската репрезентација за разлика од роднините на другите фудбалери, кои се во позиција на фанови.