Top Sport

Роналдо не успеал да го убеди Гвардиола да стане бразилски селектор

Роналдо Назарио не успеал да го убеди Пеп Гвардиола да стане нов бразилски селектор, откако Каталонецот одлучил дека има „незавршена работа“ со Манчестер сити, тврди „Дејли мирор“.

Бразилската фудбалска конфедерација е подготвена првпат од 1944 година да постави странец на чело на „селесао“ откако на Тите му заврши договорот по неуспехот на СП во Катар, каде што испаднаа во четврт-финалето од Хрватска. Според „Мирор“, пред еден месец, Роналдо, кој е сопственик на Крузеиро во Бразил и Ваљадолид во Шпанија, бил на состанок со Пере Гвардиола, братот на Пеп, со цел да го убеди Пеп, кој во минатото изјавуваше дека би сакал да биде селектор на Бразилците, да ја прифати понудата.

Сепак, одговорот бил дека Пеп има „недовршена работа“ во Манчестер сити, најверојатно околу првата титула од Лигата на шампионите на англискиот и клуб. Гвардиола е меѓу најплатените тренери на светот и во ноември го продолжи договорот со Сити до јуни 2025 година.

Се очекува претседателот на бразилската конфедерација, Ендналдо Родригеш до февруари да ја донесе одлуката за следен селектор. Засега фаворити се Португалецот Абел Фереира (тренер на Палмеирас), како и Фернандо Диниз (Флуминенсе) и Доривал Жуниор (Фламенго).

Scroll to Top