Top Sport

Роналдо посакува финале Јувентус-Реал

Фудбалерот на Јувентус Кристијано Роналдо не сакал во осмина-финалето, во Лигата на шампионите, да игра против својот поранешен тим Реал Мадрид.

Дуел на Јувентус и Реал е можен на почетокот на нокаут-фазата бидејќи екипата на Роналдо го освои првото место во Д-групата, а Реал беа втори во А-групата.

Синоќа Јувентус го запечатија првото место на табелета со победата во Леверкузен 0:2. Првиот гол против Баер го постигна Роналдо, а вториот Игуаин. Асистент за двата гола беше Дибала.

„Се забавуваме, се разбираме одлично. Тренерот ги носи одлуките кој ќе биде на теренот и тоа мораме да го почитуваме. Факт е дека уживаме кога играме заедно“, рекол Роналдо.

По мечот во Леверкузен Роналдо рекол дека не сака Реал да им биде противник во осмина-финалето.

„Реал е извонреден тим, ако треба да се соочиме со нив нека биде тоа подоцна. Би потпишал Јуве и Реал да се сретнат во финалето“, заклучил Португалецот.

Ждрепката за осмина-финалето ќе биде извршена во понеделник.

Scroll to Top