Кристијано Роналдо вели дека ги остварил сите свои соништа во фудбалот, но би сакал да продолжи уште малку и да освои уште три „Златни топки“ пред да се повлече.
Ѕвездата на Реал Мадрид по петти пат стана најдобар играч во 2017 година, израмнувајќи се со својот вечен ривал од Барселона, Лионел Меси. Покрај индивидуалните успеси, Роналдо веќе има четири титули од Лигата на шампионите и трофеи од Премиер лигата и Ла лига со блескавите игри за Манчестер јунајтед и Реал Мадрид.
32-годишниот Португалец вели дека е среќен во животот и дека без проблем би се пензионирал и веднаш, но верува дека може да оствари уште многу пред да дојде тој момент.
„Никогаш не сум сонувал дека ќе имам пет ’Златни топки’. Да морав да ја завршам кариерата сега, би бил супер задоволен. Но, не би ми пречело да освојам уште една, или три ’Балон д’ор’. Дури и тоа да не се случи имам пет кај мене, но сигурен сум дека можам да се натпреварувам за сите титули. Сè што сонував го остварив“, вели Роналдо во интервју со „Десимепдидос“.
Откако ја предводеше Португалија до првата голема титула на Евро 2016, тој сега е пред мундијалскиот предизвик во Русија, но признава дека има други репрезентации кои се фаворити.
„Искрено, ние не сме меѓу фаворитите, бидејќи има репрезентации со големи имиња како Бразил, Шпанија, Германија, Аргентина. Но, во фудбалот сè е можно. Ќе се обидеме да направиме нешто повеќе“, додава Роналдо.