Оле Гунар Солксјер потврди дека поранешниот „ѓавол“ Џузепе Роси повторно тренира со својот стар клуб, но дека не е под договор, туку дека работи на физичката подготвеност барајќи нов клуб.
31-годишниот Роси е дел од славната фудбалска академија на Јунајтед, и иако имаше проблеми со повредите во последните неколку години, Италијанецот роден во САД уште е „дел од семејството“ на фановите на „Олд Трафорд“. Шпекулациите велеа дека тој ќе се приклучи на тренерскиот тим на Јунајтед или ќе добие краткотраен договор во клубот, но Солксјер вели дека се работи само за помош кон својот поранешен колега.
„Не, нема да потпишеме со Џузепе, но тој тренира добро со нас. Изгледа добро, бара нов клуб и ќе остане со нас уште некоја недела“, изјави Солксјер.
Иако во Јунајтед немаат план да го вратат во тимот, тој импресионирал во Керингтон, каде што дури и Сер Алекс Фергусон, човекот кој му даде деби во Манчестер и кој од неодамна е советник на Солксјер, бил воодушевен.
„Тој постигна фантастичен гол на тренингот во саботата и Фергусон беше зачуден. Ќе му помогнеме да најде нов клуб“, вели Солксјер.
Роси дојде во Јунајтед како 17-годишник, пред во ноември 2004 година да добие шанса да влезе во првиот тим. Потоа тој беше позајмен фудбалер во Њукасл и Парма, пред да направи трансфер во Вилјареал во 2007. Негов последен клуб беше Џенова.