Вејн Руни утна еден пенал, но вториот го погоди за да помогне Евертон да стигне до 3:1 победа над Свонси и да ги продолжи добрите игри под новиот тренер Сем Алардајс.
До четвртата победа во последните пет натпревари во Премиер лигата, „карамелите“ стигнаа со пресврт, откако Лирој Фер погоди за гостите од Велс во 35. минута со одличен удар изненадувајќи го Пикфорд.
Евертон добија шанса да израмнат од пенал во финишот на првото полувреме, но ударот на Вејн Руни го одбрани Лукаш Фабијански, за на одбиената топка да налета Доминик Калверт-Луис и продолжениот договор со Евертон да го прослави со гол.
Во второто полувреме, Евертон стигна до водство во 64. минута со прекрасниот погодок на Гилфи Сигурдсон против својот поранешен тим, за во 73. минута да биде досуден уште еден пенал за тимот од Ливерпул, кој овојпат Руни го смести во мрежата, за свој 10. гол оваа сезона (колку што има целиот тим на Свонси).
Евертон скокна на деветтото место во Премиер лигата со 25 поени, додека Свонси остануваат „заковани“ на последното место со само 12 поени од 18 кола.