Иако многу малку Руси очекуваат нешто повеќе од нивната репрезентација пред домашното Светско првенство, ТВ-водителот Иван Ургант успеа да ги мотивира навивачите да пуштат мустаќи во знак на поддршка на селекторот Станислав Черчесов.
Черчесов, поранешен голман на Советскиот Сојуз и Русија, е препознатлив по неговите мустаќи и Ургант уште на 6 јуни преку Интернет побара неговите фанови да пуштат мустаќи во знак на поддршка на репрезентацијата која го отвара шампионатот против Саудиска Арабија в четврток.
„На селекторот Станислав Черчесов му е потребна поддршка. Сѐ е против него, вклучувајќи ги прогнозите, времето, законите на физиката, анатомијата на некои фудбалери, но и едноставната логика“, напиша Ургант на Инстаграм.
Акцијата, како што можете да забележите помина одлично – во неа меѓу другите се вклучија и политичарот Владимир Жириновски, поранешниот фудбалер Валериј Карпин и други славни лица. Сега уште Русија да стартува со победа.