Манчестер јунајтед го победи Евертон на „Гудисон парк“ 2:0 и стави крај на серијата од три натпревари на кои ремизираше со своите противници.
Без својот најдобар стрелец Ромелу Лукаку, Јунајтед лесно се справи со „карамелите“ и се врати на втората позиција на табелата.
„Црвените ѓаволи“ доминираа во текот на целиот меч, играчите на Евертон не упатија ниту еден удар во рамките на голот кој го бранеше Де Хеа.
Теренската надмоќ Јунајтед ја круниса во второто полувреме со головите на Марсијал во 57. и Лингард во 81.минута. Асистент за двата гола беше Погба.
Манчестер јунајтед по 22.кола има 47 бода, 12 помалку од лидерот Сити, а два повеќе од третопласираниот Челси.
Колото продолжува утре со дуелите Саутемптон-Кристал Палас, Свонси-Тотенхем, Вест Хем-Вест Бромвич Албион и Манчестер Сити-Ватфорд, а ќе биде комплетирано в среда со дербито Арсенал-Челси.