Поранешниот француски напаѓач Луј Саха им прати порака на играчите на Манчестер јунајтед, да замолчат со критиките и да го слушаат Кристијано Роналдо. По лутата реакција на Роналдо на замејата при 3:1 победата над Брентфорд, Саха порача дека другите фудбалери имаат што да учат од португалскиот ветеран.
„Ако некој фудбалер го заслужил правото да зборува во соблекувалната, тоа е Кристијано Роналдо. Многу од тие млади фудбалери уште не оставиле ниту еден траг во играта. Не се докажале никаде, што имаат освоено? Како фудбалер, ако не можеш да прифатиш критики, тоа не е нормално. Кристијано сака да освојува трофеи и знае како се прави тоа, и затоа мораат да го слушаат. Не се работи за негативно влијание“, вели Саха.
Тој исто така посочи дека „ѓаволите“ заборавиле што ќе остави Роналдо во клубот откако ќе се пензионира.
„Ако не се плашите од вашиот бог, тогаш немате почит. Не велам дека треба да го третираат како бог, но тој ќе биде запаметен како еден од најдобрите во историјата на спортот. Мораат да го слушнат, да бидат посветени на тренинзите, да се фокусираат да станат подобар тим. Да бидат скромни, да работат и да замолчат“, додава Саха, кој беше соиграч на Роналдо од 2004 до 2008.