Top Sport

Салах: Мојата иднина е во рацете на Ливерпул

Мохамед Салах инсистира дека неговата иднина е директно во рацете на Ливерпул и дека планира да остане на „Енфилд“ колку што може подолго по шпекулациите кои го поврзуваа со трансфер во Реал Мадрид и Барселона.

Сепак, 28-годишниот Египќанец има договор со „црвените“ до 2023 година и вели дека не очекува трансфер во брзо време и дека нема намера да го прекршува договореното, ветувајќи дека ќе се обиде да донесе многу трофеи на Мерсисајд.

„Не знам што носи иднината. Ако ме прашувате, би сакал да кажам дека сакам да останам тука што е можно подолго, но како што велев и порано, тоа е во рацете на клубот. Секогаш ќе го давам мојот максимум до последна минута во овој клуб и сакам да освојам што е можно повеќе трофеи и дадам 100 отсто на луѓето кои ми покажуваат толку љубови овие години“, објаснува Салах.

Ливерпул паднаа на четвртото место во Премиер лигата по 0:0 ремито со Манчестер јунајтед, по низата повреди, но Салах признава дека најмногу пречи што нема атмосфера на стадионите.

„Навистина е тешко. ‘Енфилд’ е ‘Енфилд’ и луѓето сакаат да дојдат тука и да направат разлика за клубот, но најважно е здравјето. Не смееме да се жалиме. Некои луѓе се мачат повеќе од нас, така што фудбалерите се во добра позиција. Ни недостасуваат навивачите, тоа е сигурно“, додава Салах.

Scroll to Top