Египетската фудбалска федерација веќе пратила барање до Ливерпул да го ослободат Мохамед Салах за Олимписките игри во Токио, вели привремениот шеф на федерацијата Ахмед Мегахед, и се верува дека премиерлигашот не е воодушевен од идејата.
Салах веќе беше поставен во првичниот тим на У-23 селекцијата која ќе биде на Олимписките игри и Мегахед вели дека се надеваат дека ќе добијат позитивен одговор.
„Пративме порака до менаџментот на Ливерпул за да го повикаме Салах за Токио и тие ни одговорија дека ќе разговараат со играчот. Јас знам дека Салах сака да игра на Олимпијадата, сака да помогне на Египет и се надевам дека Ливерпул ќе дадат позитивен одговор“, изјави Мегахед.
Фудбалскиот турнир на презакажаната Олимпијадата ќе стартува на 22 јули, а завршува на 7 август, додека новата сезона од Премиер лигата стартува на 14 август. Ливерпул, за разлика од првата египетска репрезентација, не се обврзани да го пуштат за У-23 селекцијата.