Top Sport

Сампаоли: Биелса ќе биде мој пример во Марсеј

Новиот тренер на Олимпик Марсеј, Хорхе Сампаоли вели дека сака да ги следи стапките на Марсело Биелса, но додаде дека има свои идеи за иднината на славниот француски клуб.

Аргентинецот во вторникот беше претставен како замена за Андре Вилаш Боаш, откако последните две сезони работеше во бразилската лига со Сантос и Атлетико Минеиро. Тој има искуство во Европа, каде што работеше како тренер на Севилја, пред во 2017 година да стане аргентински селектор.

„Биелса е пример за многу луѓе. Се чувствувам близок до него во играта, но нема да се обидувам да бидам како него. Ќе го направам тоа на мој начин, без да го имитирам. Ќе мора да се донесат одлуки за краткорочната иднина, но и за долгорочната иднина. Филозофијата е јасна, да се оди напред кон голот, да се даваат голови“, вели Сампаоли.

Тој го презема клубот на осмото место, пет поени зад Ленс на последното место кое води во квалификациите за Лига Европа. Марсеј има само една победа во последните 11 меча во Лига 1 и само две победи во 2021 година. Во јануари, ултрасите на Марсеј влегоа на тренинг сесија на тимот во знак на протест, демолирајќи го тренинг-центарот.

Scroll to Top