Аргентинскиот селектор Хорхе Сампаоли се уште не знае со кој состав ќе го започне вечерашниот дуел против Хрватска на Светското првенство во Русија. За илустрација, Сампаоли, почетниот состав за мечот со Исланд во првото коло, го откри ден пред натпреварот.
„Не можам да го соопштам стартниот состав, бидејќи и јас се уште не го знам. Имаме многу опции, особено во нападот. Мораме да започнеме со одреден план, но во исто време мораме да бидеме флексибилни. Најважно е да бидеме стабилни и сигурни во одбраната за да можеме лесно да ги градиме нападите“, рекол Сампаоли.
Аргентина, во првото коло, одигра 1:1 со Исланд. На тој меч Лео Меси промаши пенал за победа.
„Идејата е да се најде простор за Меси во кој тој нема да биде опкружен со противнички играчи. Од друга страна, доколку двајца или тројца тргнат на Меси, тогаш останатите ќе имаат повеќе простор. Ќе го искористите тоа за да создадеме повеќе шанси за постигнување на гол“, дополнил Сампаоли.
Натпреварот Аргентина-Хрватска ќе се одигра вечерва на стадионот во Нижни Новгород, со почеток во 20 часот.