Top Sport

Сане се повлече од германската репрезентација поради „приватни причини“

Лирој Сане нема да игра на пријателскиот меч на германската репрезентација против Перу в недела откако се повлече поради „приватни причини“.

22-годишното крило на Манчестер сити, влезе во финишот на мечот против Франција во 83. минута, но сега доби дозвола од селекторот Јоаким Лев да направи пауза.

„Сане си замина од тимскиот хотел во Минхен по консултација со селекторот Јоаким Лев во петокот поради приватни причини“, објавија од Германската фудбалска федерација (ДФБ).

Мечот против Франција беше 11. за Сане во националниот дрес и негов прв откако не беше повикан на Светското првенство во Русија. Сане беше еден од клучните фудбалери на Манчестер сити при освојувањето на титулата минатата сезона, но досега доби само трипати шанса да влезе од клупата, а воопшто не беше во составот за дуелот со Њукасл и британските медиуми тврдат дека менаџерот Пеп Гвардиола има проблем со неговото однесување.

Неговиот колега од репрезентацијата, Тони Крос, пак, пред мечот со Франција изјави дека му е чудно однесувањето на Сане бидејќи тој изгледа „незаинтересирано“.

Тони Крос: Сане делува како воопшто да не е заинтересиран

Scroll to Top