Португалскиот селектор, Фернандо Сантош изјави дека се надева дека Кристијано Роналдо ќе продолжи да игра за националниот тим по разочарувачкиот пораз од 2:1 од Уругвај во осминафиналето на Мундијалот.
Португалците не успеаја да ја „пробијат“ одличната одбрана на Уругвај и Сантош вели дека ја дели тагата со милионите сонародници.
„Знаевме дека во Португалија сите плоштади се полни, дека луѓето навиваа за нас и го чувствувавме тоа тука, и многу ми е жал што ги разочаравме. Убаво ја проучивме нивната одбрана, но нема шема против тоа. Нивните напаѓачи беа многу силни – еден беше таму, другиот веднаш зад него“, вели 63-годишниот Сантош.
Европските шампиони мислеа дека со помош на Роналдо ќе успеат против Урутвајците, но на крајот тој немаше јасен удар на гол и честопати не играше во центарот на теренот. Сантош се надева дека 33-годишниот ас на Реал Мадрид ќе додаде на своите 85 голови за Португалија во 154 настапи.
„Кристијано има уште многу да даде на фудбалот. Имаме турнир во септември, Лигата на нации на УЕФА и се надевам дека ќе биде со нас за да помогне младите фудбалери да добијат искуство“, вели Сантош.
Фото: ЕПА