Новото засилување на Челси, Саул Нигез вели дека сака да има брза адаптација на животот во Лондон и на англискиот фудбал, порачувајќи му на шпанскиот сонародник Кепа Аризабалага да му зборува само на англиски.
26-годишниот Саул никогаш не ја криел желбата да игра во Премиер лигата, и откако се пресели во Лондон од Атлетико Мадрид на позајмица сака бргу да се навикне.
„Поминав 15 години во Атлетико Мадрид, тоа е мојот дом. Но, кога имаше шанса да дојдам во Челси не можев да ја одбијам. Беше лудо во последниот ден од преодниот рок и се надевав дека ќе се реализира трансферот. Од детството имав две цели – да направам историја со Атлетико Мадрид и да играм во Премиер лигата, поради фудбалот и културата. Јазикот ми е најголем предизвик и сакам да го научам што е можно побргу. Во Атлетико зборував со Киеран Трипиер, но не го усовршив англискиот. Тука се Цезар Азпиликуета, Маркос Алонсо и Кепа, со кого бев цимер во младинската репрезентација. Затоа му кажав да ми зборува на англиски“, вели Саул.