Top Sport

Саутемптон го „шутнаа“ Пелегрино

Саутемптон се раздели со својот менаџер Маурисио Пелегрино, откако аргентинскиот стратег не успеа да обезбеди подобра позиција во борбата за опстанок на клубот од југот на Англија.

По 30 меча во ПЛ, Саутемптон се на 17. место во лигата, а Кристал палас и Стоук сити се на само еден поен зад нив. Клубот го загуби трпението по 3:0 поразот од Њукасл, и Пелегрино, кој минатото лето дојде на клупата на Саутемптон мораше да „лета“.

„Помошникот менаџер Карлос Компањучи и тренерот на првиот тим Ксавиер Тамарит исто така заминуваат од клубот. Им посакуваме сè најдобро во кариерата. Клубот ќе гледа што поскоро да ангажира нов тренер“, се вели во соопштението на клубот.

Пелегрино дојде на „Сент Мерис“ во јуни како замена за Клод Пуел, откако Французинот ги донесе до финалето на Карабао купот и осмата позиција во лигата, а оттогаш тој стана тренер на Лестер.

Со Пелегрино, Саутемптон немаат домашна победа во Премиер лигата од ноември, а оттогаш победија само еднаш – 3:2 над последно пласираните Вест Бромвич Албион.

Фото: ЕПА

Scroll to Top