Top Sport

Се чекаат уште деталите – Челси и Милан прават замена: Мората за Игуаин?

Челси и Милан се пред договор за замена на фудбалери, со која Алваро Мората би се вратил во Италија, а Гонзало Игуаин би се обединил со својот поранешен тренер Маурицио Сари.

Двајцата напаѓачи имаат лоша сезона досега, откако Мората воопшто не беше во тимот на Челси во последните три меча во Премиер лигата, додека Игуаин нема постигнато гол од октомври. Според  италијанскиот „Медиасет“ се довршуваат последните преговори за да се направи трансферот во јануари.

Технички, Игуаин е позајмен играч од Јувентус, така што италијанските шампиони би требало да го одобрат договорот, но не се верува дека тоа ќе биде проблем.

Според италијанските медиуми има две опции – со првата Игуаин ќе го прекине договорот со Милан и ќе биде позајмен на Челси, додека Мората ќе замине на „Сан Сиро“ со 18-месечен договор за позајмица. Со втората опција, ќе има размена на шестмесечни договори за позајмица со опција Игуаин да се врати во Милано следната сезона.

Маурицио Сари никогаш не ја криел почитта кон аргентинскиот напаѓач, кој имаше 36 гола во нивната една заедничка сезона во Наполи, а во исто време Мората сака, конечно, да „избега“ од Англија.

„Мене ми се допаѓа многу Гонзало. Се работи за голем човек и за голем фудбалер. Но, сега тој е играч на Милан“, изјави минатата недела Сари.

Scroll to Top