Паоло Малдини, поранешниот капитен на Милан и на италијанската репрезентација не сака да „замисли“ Светско првенство без Италија, оценувајќи дека „аѕурите“ се супериорни во однос на Шведска, и покрај 1:0 поразот во Стокхолм и вечерашното „тресење“ за пласман на „Сан Сиро“.
„Секако, и јас сум нервозен. Ова е многу важен натпревар. Ме потсетува на Италија-Португалија во 1993 и навистина не можам да замислам Мундијал без Италија. Бев во дресот 13 години и уште ги чувствувам емоциите. Во вакви натпревари не се потребни зборови, бидејќи мотивацијата доаѓа сама. ‘Сан сиро’ знае да те запали, но знае и да биде застрашувачки. Имав колеги од Милан кои повеќе сакаа да играат на гостински терен“, предупредува Малдини во интерјву за „Скај спорт Италија“.
Италијанскиот селектор Џампјеро Вентура неодамна изјави дека на Италија ѝ бил „пишан“ баражот кога ја доби групата со Шпанија и Малдини се согласува.
„Шпанија во групата е смртна пресуда, бидејќи во моментов тие се супериорен тим. Веднаш се знаеше дека ќе играме бараж, но не бевме добри во Шведска. Ние сме многу супериорни во однос со нив и не можевме против единствената нивна силна страна – физичката сила. Италија мора да победи. Не ми е грижа дали е 2:0, 3:1 или 4:2“, вели страсно Малдини.