Top Sport

Сè за добар наслов – Мејведер го презема Њукасл јунајтед!

Британските таблоиди се познати по своите „супер-вести“ уште пред да бидат „измислени“ фејк-њуз, така што „Сандеј стар“ само се приклони кон традицијата кога најави дека Флојд Мејведер Јуниор е заинтересиран да го откупи премиерлигашот Њукасл јунајтед.

Њукасл официјално е на продажба од страна на сопственикот Мајк Ешли, а иако постоеја шпекулации дека конзорциум предводен од британската инвеститорка Аманда Стејвли е подготвен за откуп, засега нема многу заинтересирани страни. Според „Сандеј стар“, американскиот боксер е еден од заинтересираните.

„Ако јас инвестирав во Њукасл ќе се забавував таму често. Го сакам Њукасл. Тие момци знаат како да се забавуваат. Лани се сретнав со дел од играчите и тие се добри момци. Секогаш сум отворен за нови бизнис можности, но инвестирам со главата, а не со срцето. Да имаше добар бизнис план, моите луѓе ќе го разгледаа. Фудбалот можеби не е мој спорт, но имам врски насекаде“, го цитира весникот Мејведер.

Колку е веродостојна веста најдобро кажува што се појави „долу“ на 13-тата страна на весникот. Посериозниот весник „Њукасл хроникл“ ја испита приказната и потврди дека немало никаков контакт меѓу клубот и боксерот.

Scroll to Top