Top Sport

Сега е официјално: Мурињо во Манчестер јунајтед до 2020

Сите шпекулации дека Жозе Мурињо се подготвува за заминување од Манчестер јунајтед и трансфер во ПСЖ се покажаа невистини, откако португалскиот стручњак го продолжи договорот со тимот од „Олд Трафорд“ барем до 2020 година, со опција за уште една година.

Мурињо, кој стана првиот тренер на Јунајтед кој освои трофеј во првата сезона со клубот со победа во Лига купот на Вембли во февруари, потоа со тимот го освои и трофејот од Лигата на Европа победувајќи го Ајакс во мај, но најавите за борба за трофеј од Премиер лигата се покажаа предвремени откако лутите ривали Манчестер сити направија голема предност.

Бидејќи и во претходните свои клубови – Барселона, Интер и Челси, тој никаде не остана повеќе од три сезони, шпекулациите велеа дека ПСЖ ќе му дадат понуда која не може да ја одбие.

„Чест и гордост е да се биде менаџер на Манчестер јунајтед. Сакам да се заблагодарам на сопствениците на клубот и на претседателот Ед Вудвард за тоа што ја препознаа мојата напорна работа и посветеност. Пресреќен сум што и во иднина ќе бидам менаџер на овој голем клуб. Имаме големи стандарди, но тоа е нашата цел. Мислам дека имаме услови за брилијантна иднина за Манчестер јунајтед. Благодарност и до мојот тим и играчите, кои навистина ги сакам и супер е што ќе бидеме заедно барем уште три години. На крај, морам да ги споменам фановите чија поддршка веднаш ја почувствував“, изјави Мурињо.

Scroll to Top