Top Sport

Сеп Блатер планира да ја тужи ФИФА

тПоранешниот претседател на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Сеп Блатер најави дека размислува за тужба против организацијата во обид да го „исчисти“ своето име по вмешаноста во корупцискиот скандал.

Швајцарецот, кој 17 години беше на чело на ФИФА, доби шестгодишна суспензија поради прекршување на етичките правила по големиот скандал со поткупи во 2015 година. 81-годишниот Швајцарец вели дека неговите адвокати работат на случајот.

„Мојата цел е да се разгледа одлуката на етичката комисија и со доказите да се оди на суд. Работиме на случајот“, изјави Блатер за „Ројтерс“.

Во декември 2016, Блатер го загуби случајот пред Судот за арбитража во спортот (ЦАС) против суспензијата, кој одлучи дека Блатер одобрил исплати до Мишел Платини, тогашниот претседател на УЕФА од над 2 милиони долари, што е прекршок на етичкиот код.

Блатер си даде оставка во јуни 2015 откако десетина високи функционери на ФИФА беа обвинети во САД за местење на договорите за ТВ-права. Тој самиот не беше обвинет.

Блатер потврди дека планира да присуствува на Светското првенство во Русија по личната покана на рускиот претседател, Владимир Путин.

Scroll to Top