Менаџерот на Пол Погба, Мино Рајола повторно неоправдано се најде на насловните страници, влегувајќи во конфликт со легендата на Манчестер јунајтед, Пол Сколс, по што дел од навивачите на „ѓаволите“, се потсетија какво мислење за Рајола имаше легендарниот Сер Алекс Фергусон, уште пред шест години.
Откако Сколс изјави дека во Манчестер јунајтед не гледа „лидерство“, посочувајќи го посебно Погба, Рајола му одговори дека „Сколс не би познал лидерство да застане Черчил пред него“ и му порача да влезе во бордот на клубот и да го продаде Погба, „бидејќи ќе биде многу тешко да му најдеме клуб“.
По овие изјави Гери Невил побара Погба да го натера својот менаџер да „замолчи“, а фановите на Јунајтед се потсетија на зборовите на Сер Алекс Фергусон.
Кога Погба замина за Јувентус во 2012 година, Фергусон го обвини Рајола дека го предизвикал трансферот.
„Има еден или двајца фудбалски агенти кои навистина не ги сакам. Еден од нив е Мино Рајола“, напиша во својата автобиографија Фергусон.
Минатата година тој беше уште подиректен.
„Пол Погба? Одличен фудбалер со лош агент. Вистинска вреќа гомна. Добро го познававме Погба и го знаевме неговиот талент. Му го понудивме најдобриот договор“, изјави Фергусон.