Швајцарскиот репрезентативец Џердан Шаќири признава дека сака да замине од тимот на Стоук сити, откако тие испаднаа во Чемпионшип и дека сака и следната сезона да игра во Премиер лигата.
Шаќири постигна осум гола во 2017/18, но не успеа да го спаси својот клуб од испаѓање, а според шпекулациите има клаузула за прекин од 13.5 милиони фунти и Евертон веќе е заинтересиран за трансфер.
„Не е тајна дека ќе си заминам. Англиската лига е совршена за мене и би сакал да останам таму, бидејќи се работи за најдобрата лига со најдобрите играчи“, вели Шаќири во интервју за весникот „Аргауер цајтунг“.
Првиот фокус на Шаќири е националниот дрес и пријателските мечеви со Шпанија и Јапонија пред да го стартуваат Мундијалот со дуел против Бразил на 17 јуни. Тој смета дека Бразилците мора да се сметаат за сериозни конкуренти за титулата.
„За мене, тие секогаш ќе бидат еден од највозбудливите тимови и први фаворити за трофејот. Плачев како дете кога Бразил го загуби финалето од Франција во 1998 година, а Роналдо беше повреден. Сакав дрес од Роналдо за роденден. За среќа во 2002 година беа подобри и беа шампиони. Голем навивач сум на Бразил, но нема да плачам ако ги победиме“, вели Шаќири.
Фото: ЕПА