Легендата на Милан и актуелен селектор на Украина, Андриј Шевченко, вели дека неговиот поранешен клуб треба да му ја даде довербата на Џенаро Гатузо, но и на Гонзало Игуаин.
Шевченко останува миленик на фановите на „росонерите“, откако на двапати играше на „Сан Сиро“, постигнувајќи 175 гола во 322 натпревари и во интервју за „Газета дело спорт“ проговори за ситуацијата во неговиот поранешен клуб.
„Клубот мора да се врати во Лигата на шампионите бидејќи таму припаѓа. Клубот се обидува, нема сомнеж. Овој Милан е долгорочен проект и мора да се гради мирно за да се врати прво на врвот во Италија, а потоа и во Европа. Потребно е време и трпение“, објаснува Шевченко.
Гатузо ќе се обиде да стигне до својот прв трофеј на клупата на Милан против Јувентус во Супер купот на Италија на 16 јануари во Саудиска Арабија и Шевченко вели дека тоа е реална цел.
„Јувентус се најсилниот клуб во Серија А и речиси е невозможно да се стигнат во моментов. За титулата е невозможно, но во еден меч, сите можат да бидат победени. Ако Милан се подготват како треба, тогаш можат до титулата. Има голем притисок на Игуаин, но тој е голем фудбалер и може да биде одлучувачки. Тешките моменти се присутни во фудбалот, но секогаш минуваат. Рино е вистинскиот човек за Милан. Го сакам неговиот пристап во клубот, со јасни идеи во овие тешки моменти. Леонардо и Паоло Малдини најдобро знаат што е добро за Милан“, вели Шева.