Top Sport

Шок за Интер, Болоња победи на „Џузепе Меаца“ (Видео)

Синиша Михајловиќ со победа го започна својот втор мандат на клупата на Болоња. Екипата на српскиот тренер успеа да победи на тешкото гостување кај Интер. Голот што го реши натпреварот го постигна Сантандер.

Михајловиќ и Болоња ја продлабочија кризата во која се наоѓа Интер од почетокот на годината. Откако испаднаа од Купот, играчите на Интер им приредија уште едно непријатно изненадување на своите навивачи.

Болоња ја забележа првата гостинска победа во Серија А уште од декември 2017 година, а славеше против Интер прв пат по десет натпревари. На „Џузепе Меаца“, фудбалерите од Болоња ја забележаа само третата победа во првенството.

Решавачкиот момент на мечот се случи во 32 минута кога по корнерот што го изведе Пулгар, Сантандер успеа да го совлада Хандановиќ.

Од тој момент Интер ја презеде иницијативата, меѓутоа нападите беа неорганизирани. Лаутаро Мартинез се обиде во 66 минута, потоа во 86 Скорупски му го одбрани ударот на Андреа Раникоја, а последната шанса за израмнување не ја искористи Мартинез во 94 минута.

Болоња сега има 17 бода и понатаму тимот на Михајловиќ е во опасната зона, меѓутоа успеаја да фата приклучок со Емполи и Удинезе. Интер ќе остане на третото место со 40 бода, меѓутоа Милан или Рома ќе имаат можност да ја намалат бодовната разлика.

Scroll to Top