Top Sport

Шпанските медиуми го „сотреа“ Реал Мадрид

Првото гостување на Реал Мадрид на „Вембли“ за дуел со Тотенхем во ЛШ ќе биде вистинска шанса да се тргне фокусот на слабиот успех на „кралскиот клуб“ од шпанското првенство, каде што имаат најлош старт во последните пет години, нешто што ги налути шпанските медиуми.

Со поразот од новаците во елитата Џирона, Реал се на осум поени зад Барселона, најголема разлика од лидерот од последната сезона на Жозе Мурињо со тимот во 2012/13. И тогаш Реал беа актуелни шампиони, но стартот на сезоната беше очаен – Барселона на крајот заврши 15 поени пред нив, а Мурињо доби отказ.

Шпанскиот печат не ја поднесе најдобро слабата форма на тимот на Зинедин Зидан, бидејќи 32-кратните шпански шампиони никогаш не освоиле титула откако губеле со 8 поени зад лидерите.

„Мадрид гласаше не за Ла лига“, бвеше насловната страница на „Марка“, алудирајќи на каталонскиот референдум за независност и гостувањето во Каталонија.

Само Иско и Карим Бензема беа поштедени од критика, а посебно на удар беше Кристијано Роналдо затоа што има постигнато само еден гол во лигата, но не беа „нежни“ и кон Марсело, Тони Крос, Лука Модриќ и капитенот Серхио Рамос.

„Иско е сам на теренот“, стоеше на насловната на „АС“, додека дневниот весник „АБЦ“ го опиша Мадрид како „патетичен“, велејќи дека ова е најлошиот натпревар на Зинедин Зидан од јануари 2016 година.

Зидан, кој оттогаш освои седум трофеи, вели дека поразот дојде поради слабата концентрација во четирите минути во кои Кристијан Стуани израмни, а Порту го постигна победничкиот гол, но вели дека нема проблем со односот на тимот.

„Најмногу сум лут што не го решивме натпреварот кога можевме. Не се грижам за недостатокот на интензитет или ентузијазам, бидејќи работиме напорно. Не сум загрижен“, изјави Зидан.

Scroll to Top