Top Sport

Штутгарт ја зголеми мизеријата на БВБ (видео)

На Борусија Дортмунд никако да ѝ тргне. „Милионерите“ го доживеаја третиот пораз во низа во Бундеслигата и имаат само еден поен во последните пет натпревари, откако Штутгарт ги казни нивните дефанзивни грешки за 2:1 победа на „Мерцедес-Бенц арената“.

Борусија во Штутгарт пристигна без Кристијан Пулишиќ (паузира по интернационалната пауза) и без казнетиот Пјер-Емерик Обамејанг, кој доцнел на тренинзи, но со надежи дека по поразот во „Дер класикер“ од Баерн Минхен, ќе можат да се израдуваат на победа во Бундеслигата.

На БВБ им тргна лошо уште на стартот, кога по катастрофална грешка на голманот Роман Бурки, Шадрак Аколо ги донесе Штутгарт во водство уште во 5. минута од мечот.  Надеж за пресврт дојде во 45-тата минута, кога по играње со рака во шестнаесетникот на домашните, беше досуден пенал. Ударот на Андре Ширле беше одбранет, пред Максимилијан Филип да ја уфрли топката во мрежата за израмнување со кое се отиде на полувреме.

Но, Штутгарт ја продолжи импресивната домашна форма во Бундеслигата (пет победи и едно реми со два примени гола), откако во 51. минута, Хрватот Јосип Брекало беше најснаодлив пред голот по уште една грешка во одбраната.

Борусија останува на третото место во Бундеслигата со 20 поени, шест помалку од лидерот Баерн Минхен, но останува прашањето дали местото на холандскиот тренер Петер Бос е одржливо, посебно бидејќи „Милионерите“ имаа фантастичен старт на сезоната.

Scroll to Top