Легендарниот Бастијан Швајнштајгер ќе остане во екипата на Чикаго Фајер откако го стави својот потпис на новиот договор, објави клубот.
Обврските на Германецот кон клубот завршија кон крајот на минатата година, тој долго размислуваше што да прави со својата кариера и на крајот се реши да потпише нов договор со Чикаго.
„Среќен сум што го продолжив договорот. Минатата година беше единсевена за мене, но не и комплетна бидејќи не успеавме да ја освоиме титулата. Сепак сигурен сун дека наредната година ќе биде успешна за нас. Ми се допаѓа градот, клубот и со нетрпение чекам да започне првенството“, изјавил популарниот Швајни за клупскиот сајт.
Сопругот на поранешната тенисерка Ана Ивановиќ во Чикаго пристигна од Манчестер јунајтед и во првата сезона имаше голем придонес во успесите на клубот. Чикаго сезоната ја заврши на третата позиција на Истокот, а потоа беше елиминиран во првото плејоф коло.
Клубот не ги соопшти деталите од новиот договор. Во минатата сезона 34-годишниот фудбалер заработил 5,4 милиони долари.
Во текот на кариерата Швајнштајгер играше и за минхенски Баерн, со овој клуб освои осум шампионски титули во Германија и една во Лигата на шампионите, а со репрезентацијата стана светски првак на Мундијалот во Бразил во 2014 година.