Поранешниот бек на Манчестер јунајтед, Микаел Силвестре, во пресрет на најголемото англиско дерби, стадионот на Ливерпул, „Енфилд роуд“, го споредил со пеколот.
Манчестер јунајтед како еден од лидерите на табелата ќе гостува кај Ливерпул в сабота во рамките на осмото коло во Премиер лигата.
Силвестре девет сезони мина во дресот на Манчестер јунајтед, одиграл 361 натпревар и има големо искуство кога се во прашање дуелите со Ливерпул.
„Се чувствуваш како да одиш во пеколот. Не си добредојден, може да ја почувствуваш омразата. Тоа е непријателско опкружување, но е добра можност да видиш како реагираш во непријатни околности. Тоа е најдоброто место на кое можеш да победиш“, рекол Силвестре.
По седум одиграни натпревари во Премиер лигата, Манчестер јунајтед има седум бода повеќе од Ливерпул, чиј напад го предводат Кутињо, Салах и Фирмино.
„Тие се добри играчи, но сѐ уште не се светска класа. Секако дека во текот на целиот натпревар ќе приготвуваат можности за постигнување гол, но ниту еден од нив не е гол-машина. Им недостига голгетер од кого можеш да очекуваш 20-25 гола во сезоната. На крајот од денот тоа е најважно. Ливерпул нема таков играч. Јунајтед ќе биде на испит, но може да ги контролира овие момци“, дополнил Силвестре.
Дуелот помеѓу Ливерпул и Манчестер јунајтед се игра в сабота од 13.30 часот.