Легендарниот англиски голман Дејвид Симан побара од англискиот селектор Гарет Саутгејт да го остави Џо Харт како главен голман и на Светското првенство во Русија следната година.
Харт ќе се израмни со Симан со 75 настапи за Англија ако игра на пријателските натпревари со Германија или Бразил во ноември, но местото на голманот на Вест Хем во последните месеци во репрезентацијата е неизвесно. Џордан Пикфорд (Евертон), Џек Батленд (Стоук) и Фрејзер Форстер (Саутемптон) се другите опции за Англија, но Саутгејт досега не го менува тимот.
„Јас би останал со Џо. За мене тој е англискиот број 1. Нивото кое го покажува подолго време е навистина добро. Сега, другите се поблиску, и тоа ќе го направи уште подобар. Јас бев во иста ситуација кога бев репрезентативен голман и знаев дека другите се блиску до моето место и затоа работев многу понапорно“, вели Симан, кој настапи на четири големи натпреварувања со Англија.
Симан не секогаш беше најсилната алка во англиската репрезентација, нешто што најдобро го знае македонскиот репрезенативе Артим Шаќири, кој му даде славен гол од корнер во Саутемптон во 2002 година.