Диего Симеоне воопшто не е загрижен од новите врски на Антоан Гризман со Барселона, инсистирајќи дека Французинот воопшто не го чита шпанскиот печат.
Околу можноста Гризман да заврши на „Ноу Камп“ на крајот на сезоната се напиша многу, а сега каталонскиот весник „Спорт“ тврди дека играчите на Барселона дале „зелено светло“ за 26-годишниот Французин да биде дел од „фантастичната петорка“ со Лионел Меси, Луис Суарез, Филип Кутињо и Усман Дембеле. Весникот дури постави фотошопирана фотографија на Гризман во дрес на Барса, но Симеоне вели дека таквите приказни не го загрижуваат.
„Да бидам искрен, мислам дека Гризман воопшто не чита што пишуваат за него. Сега размислуваме за мечот со Леганес и тоа е тоа“, вели Симеоне.
Атлетико ги продаде Јаник Караско и Николас Гаитан во кинескиот Далиан Јифанг, но Симеоне вели дека не му недостасуваат играчи.
„Прво, им посакувам многу среќа, бидејќи кај нас го даваа максимумот за тимот. Мојот тим е ОК, можеби е намален ама е конкурентен. Сега повеќе играчи ќе добиваат шанси“, вели Симеоне.