Швајцарскиот клуб Сион доби забрана за настап во европските натпреварување од една година поради прекршување на правилата на УЕФА за лиценцирање на играчи.
Сион не го пријавиле долгот од 950.000 евра до францускиот клуб Сошо при пријавувањето на документите за учество во Лигата на Европа оваа сезона, а ниту еден клуб не смее да настапува во европските купови доколку има неплатени долгови. Сион доби казна од 235.000 евра за прекршокот.
„Клубот е исклучен од натпреварувањата во следните сезони во кои ќе се квалификува. Не смее да има неплатени сметки кон други клубови, иако клубот имаше финансиска моќ да го направи тоа“, се вели во соопштението на УЕФА.
Ова е не прв проблем на Сион со УЕФА, откако тие беа исфрлени од Лигата на Европа во 2011/12 поради поставување на играч без лиценца во баражот против Селтик, но тие велат дека се работи за административна грешка.
Сион во моментов се на деветтото место во Суперлигата на Швајцарија која брои само 10 члена и се борат за опстанок. Нивниот претседател Кристијан Константин доби суспензија од девет месеци (подоцна намалена на пет) откако удри еден ТВ-коментатор кој го критикуваше во септември.