Сѐ беше подготвено за осминафинале. Сенегалците веруваа дека можат да бидат единствената африканска нација со пласман меѓу најдобрите 16 на Мундијалот во Русија влегувајќи во последното коло како лидери во групата Х.
Меѓутоа, на крајот Сенегал беше елиминиран. Не поради премалку поени, ниту поради гол-разликата. Поради шест жолти картони во споредба со четирите кои ги заработија фудбалерите на Јапонија. Ова е првпат во историјата една репрезентација да биде елиминирана од шампионатите поради фер-плеј правилото.
Покрај тоа, ВАР-системот повторно не функционираше во корист на африканските селекции, откако српскиот судија Милорад Мажиќ ја смени својата одлука да даде пенал на Сенегал во првото полувреме бидејќи оцени дека колумбискиот дефанзивец Санчез стигна до топката пред Садио Мане.
Меѓутоа, 43-годишниот Алиу Сисе, првиот црн африкански селектор на една репрезентација на Мундијалите и најмлад тренер во Русија, вели дека не треба да се бараат оправдувања.
„Горд сум на мојот тим и нивната работа на ова првенство, но не се квалификувавме само бидејќи не заслуживме. Ќе беше подобро да бевме елиминирани поради поразите или головите, така што тоа е штета, но правилата се јасни“, изјави Сисе по мечот.
Колумбија и Јапонија во осминафинале, Сенегал испадна поради жолтите картони!