Серхио Агуеро може да ги пропушти првите два месеци од сезоната бидејќи уште не е опоравен од повредата на коленото поради која не играше во финишот на Лигата на шампионите за Манчестер сити, признава Пеп Гвардиола.
32-годишниот аргентински напаѓач последен пат играше во јуни, и сега тренира сам и сигурно нема да биде во тимот за дуелот со Вулверхемптон во понеделник навечер, открива Гвардиола.
„Знаевме дека се работи за тешка повреда. Тој работи, а кога точно ќе биде подготвен ќе видиме. Можеби за месец дена, можеби за два месеци. Мора да се врати на теренот и да ја врати физичката сила. Серхио не е човек кој бргу ја враќа физичката форма, така што ќе почекаме“, вели Гвардиола.
Агуеро, за кого ова е последна сезона од неговиот договор со Сити, минатата сезона одигра 32 меча, најмалку откако пристигна на „Етихад“ од Атлетико Мадрид пред девет години.