Top Sport

Сити повторно го „демонтираше“ Арсенал (видео)

Само пет дена откако ги совладаа со 3:0 за титула од англискиот Лига куп, Манчестер сити повторно славеше во Лондон над Арсенал, овојпат во меч од Премиер лигата со идентични 3:0 на „Емирати“, за да ја покаже својата супериорност и да го зголеми притисокот на Арсен Венгер.

На замрзнатиот терен во студената британска престолнина, победникот беше решен уште во првото полувреме, откако навивачите на Арсенал, кои и така не го наполнија својот стадион, дожвеаја студен туш уште во 15. минута, кога Бернардо Силва со прекрасен лоб го совлада Петр Чех.

Во 28. минута, другиот Силва, Давид, го зголеми водството на 0:2, за во 33. минута, Лирој Сане да ја круниса одличната игра со гол за убедливи 0:3 и апсолутно разочарување на навивачите на „топчиите“.

Најпоразителната статистика за Арсенал беше тоа што ако се сметаат двата натпревари во низа, Сити дале шест гола со шест удари во рамката на голот.

Пјер-Емерик Обамејанг имаше шанса да најави пресврт, кога во 52. минута беше досуден пенал за тимот на Венгер, но неговиот удар беше одбранет од Едерсон.

Со победата Сити го зголеми водството на врвот на табелата во Премиер лигата на 16 поени пред Манчестер јунајтед  на 10 кола пред крајот на сезоната. Арсенал останува на шестото место со 45 поени, десет поени од четвртото место кое носи во Лигата на шампионите и на кое се наоѓа нивниот најголем ривал, Тотенхем.

Scroll to Top