Младиот австралиски репрезентативец Кристијан Волпато се најде во центарот на голем скандал во Сиднеј, откако наводно бил позитивен на кокаин при рутинска сообраќајна контрола, пренесуваат локалните медиуми.
Според информациите, 22-годишниот фудбалер бил запрен во своето купе „БМВ“ околу еден часот по полноќ на познатиот мост Анзак. Причина за запирањето било пречекорување на дозволената брзина – Волпато возел 109 километри на час во зона каде што ограничувањето е 60 км/ч, пренесува „Телеграф“.
По запирањето, полицијата му направила тест на плунка за присуство на дрога, а прелиминарните резултати покажале присуство на кокаин. Поради пречекорувањето на брзината тој бил казнет, а неговата меѓународна возачка дозвола е суспендирана на шест месеци, што значи дека нема право да управува возило на територијата на Нов Јужен Велс.
Од него бил земен и дополнителен примерок кој е испратен на лабораториска анализа за да се потврдат резултатите од првичниот тест.
Инцидентот е уште понеобичен бидејќи полицијата го запрела Волпато и неколку часа претходно, околу 23 часот, во истата област, исто така поради брзо возење. Тогаш бил тестиран за алкохол, а резултатот бил негативен. Само два часа подоцна повторно бил запрен поради нов сообраќаен прекршок.
Фудбалската федерација на Австралија има политика на нулта толеранција кон употребата на наркотици. Според правилата, играч кој ќе биде позитивен на забранети супстанции може да биде суспендиран до четири години.
Сепак, доколку се утврди дека супстанцијата била користена надвор од натпреварувањата и не служела за подобрување на спортските перформанси, суспензијата може да биде намалена на три месеци.
Волпато годинава беше во фокусот на јавноста откако реши да настапува за Австралија наместо за Италија, каде што ја започна професионалната кариера. Потоа настапи за австралиската репрезентација на Светското првенство.
