Нејмар, колку и да е добар, никогаш нема да биде фудбалер од статусот на Пеле, вели поранешниот бразилски селектор, Луис Фелипе Сколари во интервју со шпанскиот весник „Ел мундо“.
„Во Бразил знаеме кој е Нејмар и знаеме кој е Пеле. Знеме дека има само еден Пеле и нема да има таков играч повторно. Фудбалерот може да биде многу добар, дури и спектакуларен, но никогаш нема да има наследник на Пеле. Никој нема да го израмни тоа“, вели Сколари.
Пеле имаше само 17 години кога ја освои првата светска титула во Шведска во 1958 година и останува единствениот фудбалер со три светски титули. Нејмар има 26 години и досега има само лоши сеќавања од СП, откако пред четири години не играше на спектакуларниот 7:1 пораз од Германија во полуфиналето, со Сколари на клупата.
69-годишниот Сколари вели дека со трансферот на Нејмар во Пари Сен-Жермен тој го „успорил“ својот фудбалски раст.
„Во Барселона научи многу и речиси беше на нивото на Лионел Меси и Кристијано Роналдо. Но, тоа не се случува преку ноќ. Можеби за година-две пак ќе зборуваме за ова“, објаснува ексселекторот.