Top Sport

Сколс: Морав да си купам копачки од 40 фунти кога се вратив во Јунајтед

Легендата на Манчестер јунајтед, Пол Сколс открива дека Фил Невил за малку ќе го убедел да потпише за Евертон кога тој реши да се врати на фудбалот по кратката пензија во 2012 година.

Сколс се повлече од фудбалот во 2011 по 17 години во првиот тим на „Олд Трафорд“, но на 36 години реши да игра уште една сезона и на крајот Сер Алекс Фергусон го врати во тимот, но не пред да дојде понудата од Евертон.

„Се вратив во септември 2011 со У-23 тимот на Јунајтед и тренирав цело време. Се чувствував фит бидејќи четири месеци паузирав и тоа ми беше потребно. Сакав да играм, не е важно каде, а не очекував Јунајтед да ме сакаат. Фил Невил ме викна во Евертон, но искрено не сакав да бидам поврзуван со некој друг тим. Ако немав друга шанса, можеби ќе ги прифатев“, вели Сколс за „ДАЗН“.

Тој се врати со Јунајтед за време на дербито во ФА купот со Манчестер сити во јануари 2012 и одигра уште 18 месеци, но открива дека морал сам да си купува копачки за камбекот да биде таен.

„Отидов кај Фергусон и му кажав дека сум фит и дека сакам да играм. Тој ме праша дали сакам тука или на друго место. Му кажав дека сакам само во Јунајтед и тој за пет минути ми даде договор. Зборуваше со Дејвид Гил на телефон и следниот ден потпишав на шест месеци. Ме внесе против Ман сити во ФА купот и ми кажа да не кажувам ниту на фудбалерите. Само мојата сопруга знаеше. Стигнав таму и немав копачки, бидејќи не знаеја дека ќе играм. Отидов во локалната продавница и си купив ‘Најк’ за 40 фунти, што беше доста скапо“, открива Сколс.

Scroll to Top