Локалните власти во Волгоград решија со прскање на ванила да ги заштитат фудбалерите од комарците кои направија инвазија на градот домаќин на Мундијалот.
Пред мечот Англија-Тунис, градот на Волга беше „нападнат“ од илјадници мушички и комарци, кои ги почувствуваа и фудбалерите на теренот при загревањето. Англичаните го решија ова со поставување на силни средства против комарци пред мечот.
Сега, во борба против напаста, локалната власт објави дека пред мечот Нигерија-Исланд прскале мешавина на вода и ванила, а истото ќе биде направено и за дуелот Египет-Саудиска Арабија на 25 јуни, како и за мечот меѓу Јапонија и Полска, јавува руската новинска агенција „ТАСС“.
„Главната причина за ова беше високото ниво на реката Волга, а сега кога се врати нормалното ниво, бројот ќе се намали. Нема да исчезнат целосно, бидејќи вакви наезди се случуваат три до четири недели секоја година“, велат од градската власт.