Top Sport

Солскјер не кажува дали Погба и Лукаку ќе патуваат во Австралија

Менаџерот на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солскјер вели дека ќе може да го понесе речиси цел тим во Азија на турнејата пред стартот на сезоната, но не ги коментираше Пол Погба и Ромелу Лукаку и нивната достапнност по шпекулациите дека двајцата ги очекува трансфер.

Копа Америка и Африканскиот куп на нации не влијаат многу на составот на Јунајтед, бидејќи само чилеанскиот напаѓач Алексис Санчез има репрезентативна обврска, и тоа го радува Солскјер пред патувањето во Австралија.

„Летото беше добро за нас во однос на достапноста на фудбалерите, така што ќе патуваме во Перт со целосен прв тим. Сите кои се достапни ќе бидат избрани и се надевам дека ќе бидат физички подготвени кога ќе дојдат“, изјави Солскјер.

Тој не зборуваше за достапноста на Погба и Лукаку. Погба е поврзуван со трансфер во Јувентус или Реал Мадрид, додека Лукаку според британските медиуми е пред трансфер во Интер.

Јунајтед ја почнуваат пред-сезоната со дуел со австралискиот тим Перт Глори на 13 јули, пред да играат со Лидс јунајтед на истиот терен.

„Мечевите против Лидс јунајтед секогаш биле важни за Манчестер јунајтед. Сум играл на неколку мечеви и знам какво е тоа ривалство“, објаснува Солскјер.

По ова, „ѓаволите“ ќе играат со Интер во Сингапур на 20 јули, пред да ја комплетираат турнејата против Тотенхем во Шангај на 25 јули.

Scroll to Top